Аир да не сториш мајко што ме на зло даде, многу надалеку, мамо, преку црна река. Преку црна река, мамо, преку матна вода. Преку матна вода, мамо, у ајдучка куќа. Во ајдучка куќа, мамо, деветина браќа. Деветина браќа, мамо, горски арамии, а мојот десети, мамо, ем горски, ем молски. Сношти отидоја, мамо, сабајле дојдоја. Они дотераја, мамо, до девет товара. До девет товара, мамо, таја бела свила, а десетти товар, мамо, чиста богасија, а у богасија, мамо, глава од јунака. Главата ми беше, мамо, на моето братче.