Орелски крилја как да си метнех и в наши стâрни да си прелетнех! На наши места ја да си идам, да видам Стамбол, Кукуш да видам, Да видам дали сâнце и тамо мрачно угревјат, како и вамо. Ако как овде сâнцето ме стретит, ако пак мрачно сâнцето светит: На пâт далечни ја ке се стегнам, и в други стâрни ке си побегнам, каде сâнцето светло угревјат, каде небото ѕвезди посевјат. Овде је мрачно и мрак м' обвива и темна мâгла земја покрива: мразој и снегој, и пепелници, силни ветришта и вијулици, Околу мâгли и мразој земни, а в’гради студој, и мисли темни. Не, ја не можам овде да седам! Не, ја не можам мразој да гледам! Дајте ми крилја ја да си метнам и в наши стâрни да си прелетнам: на наши места ја да си идам, да видам Охрид, Струга да видам. Тамо зората греит душата и сâнце светло зајдвит в гората. Тамо дарбите природна сила со сâта раскош ги растурила: Бистро езеро, гледаш, белеит или од ветар синотемнеит: поле погледниш, или планина -сегде Божева је хубавина. Тамо по срце в кавал да свирам, сâнце да зајдвит, ја да умирам!